Што значи акронимот ЕСГ/ESG?
Станува збор за англиски акроним кој се однесува на факторите или аспектите на одржливоста: E – Environmental/Еколошки, S – Social/Социјален, општествен и G – Governance/Управување. Сите три столбови имаат клучна улога во проценката на компаниската ориентација и посветеност за одржливоста.
Следствено на ова ЕСГ е заеднички поим за комплетен сет на стандарди што се користат за проценка на организациите во однос на нивната врска со животната средина, општеството и управувањето на организацијата.
Ајде да видиме што всушност значи секој критериум:
Еколошки (E – Environmental):
Еколошкиот аспект на ЕСГ испитува како компанијата или организацијата се грижи за природната средина. Тој се фокусира на сите аспекти на одржливоста, вклучувајќи отпад и загадување, исцрпување на ресурси, јаглероден отпечаток, сеча на шуми, климатски промени и друго.
Ова значи дека компаниите ја разбираат важноста од одговорно однесување кон животната средина и доколку не преземат одговорни мерки, само ќе ги влошат ефектите од климатските промени. Затоа, тие се свесни за своите процеси и нивниот влијание на животната средина, и ги вклучуваат практиките како: рециклирање, користење еколошки материјали, намалување на количината на отпадни води и други начини.
Социјално (S – Social):
Социјалните критериуми во ЕСГ се однесуваат на влијанието на компанијата врз социјалната средина, како во рамките на организацијата така и надвор од неа. Овој критериум гo разгледува начинот на кој компанијата ги третира своите вработени, расната, културната и родовата разноликост во организацијата, промоцијата на образованието, обезбедувањето здравствена и социјална заштита за вработените, како и нејзиното застапување за поширокото општествено добро. Ова помага во намалувањето на ризиците и обезбедува одговорно функционирање на компанијата.
Корпоративно Управување (G – Governance):
Целта на управувачкиот аспект на ЕСГ е да се процени како компанијата презема одговорност за своите постапки. Овој аспект ги опфаќа напорите поврзани со транспарентност, отчетност и усогласеност со деловните регулативи. Тоа вклучува користење на точни и транспарентни сметководствени методи, стремеж кон разновидност при избор на раководен кадар, отчетност пред акционерите, избегнување на незаконски активности и слично. Односите со засегнатите страни се клучни за иницијативите поврзани со управувањето, бидејќи организацијата се стреми да изгради доверба преку транспарентност и отчетност.